Комисиите на терен, се утврдуваат штетите – тлото не мирува, нови земјотреси во Битола и Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Детска градинка во центарот на Битола е делумно затворена, откако по земјотресите ѕидовите испукаа и постои опасност по децата. За еден ден во Битола поднесени се над 100 барања за штети.

„Комисијата е на терен. Денеска е помогната од претставници од Институтот за земјотресно инженерство и ќе ги посетат баш тие градинки и болницата. Во однос на Клиничката болница на Кризниот штаб директорката не информираше дека две одделенија, неурологија и интерно одделение кои се на приземји и првиот кат имаат оштетувања и од тие причини се вон-употреба. Меѓутоа комисијата е на терен посебно за тие објекти“, истакна Тони Коњановски.

„Навистина Битола заслужува и Битола мора да има соработка на сите нивоа за да битолчани добијат подобар живот, во контекст на штетите од земјотесот јас од она што денеска го слушнавме на состанокот, се надевам дека во најбрз можен период истите ќе бидат санирани, ќе се изврши проценката, меѓутоа најважно е објектите и институциите од витално значење да бидат ставени во функција“, вели Габриела Илиевска.

По барање на претседателката на Советот, високи претставници на Владата денеска во Битола. Беа запознаени со состојбата и најавија владина помош.

„Владата на вчерашната седница на иницијатива на министерот за локална самоуправа донесе низа на заклучоци со кои се обврзуваме заеднички навистина да направиме се што е во интерес на граѓаните. За среќа нема никакви човечки жртви во поглед на земјотресот кој се случи, но има материјални штети и институциите мора да работат во служба на граѓаните и сите правни легислативни механизми кои законите ги даваат низ постапките и процедурите треба да ги спроведеме, час поскоро, за да работите бидат вратени во нормала“, посочи Љупчо Николовски.

Земјотреси со епицентар во Грција се уште ги плашат битолчани.

„Само во изминатото деноноќие во Битола почувствувани 39 земјотреси. Најсилниот е со магнитуда од 4,5 степени по рихтер регистриран вчера во 17 часот и 14 минути“, вели репортерот на ТВ21.

Пријавувањето на штети ќе трае до 26 јануари, а сите витални установи во градот функционираат непречено, водата за пиење е безбедна, а нема оштетување ниту браната на акумулацијата Стрежево од каде Битола се снабдува со вода.

Во скопското епицентрално подрачје денеска беше регистриран земјотрес со јачина од 2,6 степени и интензитет од три до четири степени според макросеизмичката скала.

Сеизмолозите смируваат, дека станува збор за редовна сеизмичка активност.