„Комуналец“ ја чисти населбата Солунска во Кичево, жителите апелираат да не се фрла отпад

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се чисти дел од населбата Солунска во Кичево. ТВ21 пред неколку дена известуваше за отпадот во оваа населба кој го попречуваше дури и течението на реката.

-Откако жителите од населбата Солунска реагираа преку ТВ21 за ѓубрето на влезот од населбата и попреченоста на текот на реката поради фрлениот отпад, Комуналното претпријатие интервенираше и ја исчисти реката и еден дел од населбата. Жителите велат дека има и други делови од населбата кои не се исчистени и бараат од граѓаните да не фрлаат отпад, а од Комуналното претпријатие бараат да воведат санкции за лицата кои ќе фрлаат отпад-вели репортерката на ТВ21, Салије Садику.

Госпоѓата која беше загрижена поради искривениот тек на реката, го изрази своето задоволство бидејќи после толку време, населбата е исчистена.

-Од претпријатието поминуваат, а жителите со колички носат и фрлаат овде отпад, без никаква потреба го фрлаат овде. А вака сега е убаво, Благодарам за ова што го направивте, алал да ви е, зборував со главниот кој беше овде и рече дека ќе го измазнат теренот да нема дупки и ми рече дека ќе донесе камиони и булдожери за да го направат тоа.

Апелираше до нејзините сограѓани да бидат совесни и да не фрлаат отпад.

-Од граѓаните барам да бидат хумани и добри и да не фрлаат веќе отпад овде и вакво нешто да нема веќе.

Од Комуналното претпријатие на Кичево велат дека ќе продолжат со расчистување на отпадот и во другите населби од градот апелирајќи до граѓаните да не фрлаат отпад насекаде.