Два дена хаотични податоци за тоа колку пораснал бруто домашниот производ во првите три месеци од годинава. Вчера и денеска, според Владата растот е 3,4 насто. Според Државниот завод за статистика растот е 3 насто, но и 3,2 со сезонски и календарски прилагодени податоци. Сепак, денеска дилемата ја разреши министерката за финансии.
„Но јас, мислам дека тука кажав 3% раст на бруто домашниот производ, така што…“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Откако се утврди растот, беше презентирано и на што тој се должи. Една од поголемите ставки кој придонесе за растот е финалната потрошувачка на домаќинствата која номинално порасна за 7,1 насто или реално за 2,1. Ова значи дека граѓаните купиле за 2,1 насто повеќе производи од истиот период лани, но ги платиле дури 7,1 насто повеќе поради инфлацијата.
Според министерката Димитриевска Кочовска, граѓаните трошат повеќе поради повисоките плати и пензии и затоа од денеска почнува подобрата координираност меѓу фискалната и монетарната политика, односно меѓу Министерството за финансии и Народната банка, за да се намали инфлацијата.

„Во однос на инфлацијата, ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму, знаете дека имаше мерки спроведени од страна на владата и тој дел се следи, ќе се координираме со монетарната политика и ќе спроведуваме и ќе реагираме соодветно на предизвиците кои што ќе следат.“ вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Но, немаше конкретен одговор какви мерки би се преземале и дали ќе се стегне ременот и ќе се дестимулира трошењето на граѓаните, а тоа би можело со ограничување на растот на платите и на кредитирањето на граѓаните. Министерката истакна дека очекува и натаму да расте просечната плата, поради немање на доволен кадар и натпреварот да се презема постојниот со зголемување на платите. Борбата со инфлацијата ќе биде и со зголемено земјоделско производство, помал увоз и поголем извоз.

„Е сега во однос на увозот, да, загрижува тој податок многу и тука апсолутно нема збор и ние како Министерство за финансии сега подготвуваме некои дополнителни, да кажам, производи преку Развојната банка, кои што ќе значат малку поголема поддршка на преработувачката индустрија“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Според Министерката за финансии, и со ребалансот проекцијата за инфлација ќе остане 2,2 отсто на годишно ниво што ќе биде блиску на инфлацијата во еврозоната. Ова е исклучително важно за да се задржи монетарната стабилност и денарот да не биде преценет во однос на еврото, како што е сега случајот.
