Конечно, системот „Безбеден град“ ќе ги „лови“ и казнува мотоциклистите за брзо возење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мотоциклистите отсега ќе бидат казнувани преку системот „Безбеден град“ доколку возат со брзина над дозволената, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостувањето во вестите во Сител телевизија.

Досега системот кај мотоциклите автоматски регистрираше само прекршоци за поминување на црвено светло. Тошковски информира дека е пронајдено техничко решение за автоматско детектирање и на прекршоците за недозволена брзина. Тој очекува првите бројки за санкционирани мотоциклисти преку системот да бидат достапни веднаш.

Според министерот, мерката е воведена првенствено за поголема безбедност на мотоциклистите и на останатите учесници во сообраќајот. Тошковски посочи дека од шест лица загинати во сообраќајни несреќи овој месец, четворица биле мотоциклисти.

„Безбеден град“ моментално функционира на Коридорите 8 и 10 и на територијата на СВР Скопје, Куманово и Тетово. До средината на септември системот се очекува да биде активиран и во СВР Велес, а до крајот на октомври и во СВР Охрид. МВР најавува проширување и во СВР Струмица, Штип и Битола до крајот на годината. Тошковски соопшти и дека за македонските граѓани ќе биде активирана мобилна апликација за онлајн плаќање на сообраќајните прекршоци.