Односите меѓу Бугарија и Македонија се влошија, особено по отворањето на таканаречените културни клубови кои не се ништо друго освен една провокација. Ова го истакна Димитар Атанасов бугарски историчар и член на Бугарската академија на науките пред денешната дебата, според кого тоа беше започнато од бугарска страна а Македонија го прифати.
„Односите меѓу Бугарија и Македонија за жал во последно време многу се влошија особено со иницијативите за отворање на таканаречени културни клубови од двете страни. Всушност се покажа дека тоа е провокација и за жал Бугарија тоа го започна, односно бугарската страна дојде на чело на таа провокаторска кампања, Македонија одговори кое што исто така е штетно за односите.“, рече Атанасов.
Спротивно на барањата и условувањата на Бугарија, Атанасов смета дека впишување на Бугарите во Уставот е бесмислено и дека официјална Софија треба безусловно да и овозможи на Македонија да преговара со Европската унија. И од двете страни постојат политички субјекти кои сакаат да имаме влошени односи, но од бугарска страна предводник на ваквите кампањи е бугарскиот претседател Румен Радев оценува Атанасов.
„Јас сметам дека впишувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија е апсолутно бесмислено барање. Односно и со и без него Бугарија треба да дозволи преговори на Северна Македонија со Европската унија. И бугарски институции во моментов не престануваат да ги влошуваат односите каде на чело на кампањата во последно време застана, за моја огромна жал, бугарскиот претседател.“, рече Атанасов.
Извршниот директор на Евротинк Димитар Николовски е сигурен дека ќе дојде до помирување меѓу Бугарија и Македонија, но дека е потребно и двете страни да работат на тоа.
„Јас сум сигурен дека ќе има некое помирување помеѓу Бугарија и Македонија, не би дал сега некој посебен рецепт или некоја една точка, меѓутоа сум сигурен, немам ниту грам сомнеж дека до такво нешто ќе дојде. Меѓутоа треба да се работи многу повеќе на намалување на тензиите особено помеѓу двете општества. Така да мислам дека треба да бидеме многу помалку обременети со тоа што зборува Џамбаски од страната на Бугарија и да не ја третираме Бугарија само низ призмата на тоа што го зборува Џамбаски.“, рече Николовски.
Откако две години бевме блокирани од Бугарија за започнување на преговорите со Европската унија, минатата година сепак од бугарска страна добивме зелено светло, но со услов прво да се внесат Бугарите во Уставот а потоа и официјално да го продолжиме европскиот пат со отворање на кластерите. Рокот за уставните промени се до ноември оваа година.
