Конференциска лига – Шкендија по позитивен резултат во Љубљана

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шкендија вечерва гостува во Словенија, каде што ќе се соочи со НК Браво во првиот натпревар од второто квалификациско коло на УЕФА Конференциската лига. Црвено-црните ќе се обидат да остварат поволен резултат на гостувањето во Љубљана, со цел да создадат предност пред реваншот во Скопје.

Тренерот Артим Положани и играчот за врска Ендрит Красниќи побараа максимална концентрација за да се стигне до позитивен резултат.

„Секако, нѐ очекува исклучително важен натпревар. И претходно истакнав дека европските купови имаат своја специфичност – колку повеќе рунди минувате, толку потешки стануваат предизвиците. Тоа значи дека мора да бидеме сто проценти подготвени, од првиот до последниот, за првото 90-минутно полувреме од овој двомеч што нѐ очекува овде во Словенија.“, вели Артим Положани.

„Мислам дека во Европа нема слаб тим кој игра на ова ниво. Нашата екипа работеше многу добро и верувам дека е подготвена. Се надеваме дека ќе имаме и малку среќа и ќе го оствариме она што го посакуваме – пласман понатаму.“, вели Ендрит Красниќи.

Екипата на Артим Положани отпатува во Словенија два дена пред натпреварот и ги одработи подготовките на стадионот „Стожице“. Под знак прашалник за вечерашниот дуел се голманот Бабакар Гаје и дефанзивецот Анес Мелиќи, додека Себастиан Спахиу се врати на тренинзите и е во комбинација за настап.

Натпреварот започнува вечерва во 20:45 часот.