Во рамки на денешната 104. собраниска седница, македонското Собрание ја констатира оставката на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, со што формално заврши неговиот мандат во извршната власт.
Фетаи оставката ја поднесе на 1 јуни, за што претходно информираше преку социјалните мрежи. Во објава на Фејсбук, тој наведе дека од функцијата се повлекува „со крената глава и чиста совест“, оценувајќи ја одлуката како најправеден и најдостоинствен чекор во актуелните околности.
Во своето образложение, тој истакна дека во изминатите две години имал чест да ѝ служи на државата и да придонесе кон реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото.
„Секогаш има место за повеќе и за подобро, но работев со целосна посветеност да поставам цврсти темели на кои може да се гради понатаму“, наведе Фетаи во својата објава, заблагодарувајќи им се на сите за поддршката и соработката.
Во текстот на оставката тој дополнително посочи дека поради тековните околности повеќе не постојат услови функцијата да ја извршува со потребната ефикасност, поради што се повлекува од должноста.
На истата седница, Собранието утврди и потреба за донесување на повеќе законски измени и дополнувања по скратена постапка, кои опфаќаат области како управување со конфискуван имот, електронски комуникации, судството, енергетска ефикасност, шумарство, земјоделско земјиште, градежништво и урбанистичко планирање, како и други системски закони.
