Контроверзен документ на О.Врапчиште, ДУИ го обвинува градоначалникот за шпионажа – Шабани: документот е лажен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Веќе неколку дена низ медиумите кружи документ на кој фигурира името на градоначалникот на општина Врапчиште, Исен Шабани. Во документот кој е доставен до органите на редот, пишува дека неколку жители од селото Добри Дол ќе организираат протест и дека група граѓани сакаат да изградат голем орел. Пратеникот Берат Ајдари го обвини градоначалникот на Врапчиште за шпионажа на неговите сограѓани.

„Овој чин на Исен Шабани, го покажува неговото вистинско лице и на неговите сопартијци. Покажува лажен патриотизам кој се обидуваат да им го продадат на граѓаните Албанци. Кога еден градоначалник ги шпионира оние кои му ја дадоа довербата да ја води општината, замислете што можат да направат да се на власт!“, истакна пратеникот на ДУИ, Берат Ајдари.

Од Алијанса за Албанците не сакаа да ги коментираат ваквите обвинувања.

„Ние не се занимаваме со невистини и мислам дека адресата за ова прашање е кај градоначалникот на општина Врапчиште. Верувам дека од него ќе добиете одговор“, рече Елми Азири, пратеник на Алијанса за Албанците.

На Фејсбук реагираше и градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани.

„Со целосно уверување категорично ја НЕГИРАМ вистинитоста на тој „документ“ кој одредени кланови од срамната власта на ДУИ ја споделуваат на социјалните мрежи. Тоа писмо е ЛАЖНО, а оној кој го споделува ќе одговара кривично. Ваквите клевети не можат да го прикријат срамот за тоа што го направивте и што го правите постојано кон нацијата и граѓаните на оваа земја“, рече Исен Шабани, градоначалник на О. Врапчиште.

Според Шабани, станува збор за фалсификувано писмо, додавајќи дека ќе бара кривична одговорност од лицето кое го споделило.