Ребалансот на буџетот за 2026 година е навремена реакција на новите економски околности, последиците од глобалната неизвесност и ефектите врз домашната економија. Ова го наведе министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска образложувајќи ја потреба од ребалансот која истана дека до крајот на годината државната каса е стабилна и има пари за плати и пензии и други обврски.
„Дополнетиот ребаланс не произлезе поради проблеми со ликвидноста во Буџетот туку е последица на преземените мерки од страна на Владата за намалувањето на ДДВ и акцизата кај бензините и дизелот. Мерки кои имаат директно влијание врз приходната страна на Буџетот но значајно е дека со такви мерки го поддржуваме стандардот на граѓаните и ја помогнавме економијата односно го спречивме прелевањето на високите цени на нафтата врз останатите производи и услуги“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Од опозицијата со критики. Димитар Ковачевски од СДСМ вели дека вториот ребаланс на буџетот доставен само два месеци по првиот, отвора сериозни прашања за квалитетот на буџетското планирање.
„Овој ребаланс не нуди убедлив одговор на економските предизвици туку напротив покажува слабости во планирањето, висок дефицит и намалување на средствата за развојни програми и капитални инвестиции. Ќе се осврнам на неколку клучни аспекти. Најнапред бројките во однос на дефицитот останува висок а развојните инвестиции се намалуваат ја покажуваат основната противречност на ребалансот“, вели Димитар Ковачевски.
Мециновиќ од Левица, седницата за ребалансот го нарече циркус, обвинувајќи дека власта го користи буџетот единствено за сопствена корист.
„Сметам дека полемиката со мнозинството во овој момент кога мнозинството ќе го носи вториот ребаланс на буџетот нема никаква цел затоа што ова е единствено циркус на мнозинството затоа што опозицијата поднесе 124 амандмани на овој ребаланс на буџетот и не беше прифатен ниту еден амандман. Владата на ВМРО-ДПМНЕ конкретно буџетите ги користи за унапредување на нивната партиска позиција“, вели Амар Мециновиќ.
Во одбрана на ребалансот застанаа пратениците од власта.
„Клучната работа е тоа што понекаде 14, 15, 16 денари од литар гориво државата се откажа, тоа се планирани приходи во државниот буџет и нормално е дека кога граѓаните не плаќаат 117 денари гориво, туку плаќаат 94 денари гориво да тие средства преку буџетот согласно закон од некаде се скрати, од некаде да се додаде и тие да се, условно кажано испеглаат“, вели Љупчо Пренџов.
Во ребалансот на буџетот на приходната и на расходната страна се кратат по 86 милиони евра, од што кај приходите се кратат 62 милиони евра, само поради намалените акцизи за цените на горивата. За идната недела треба да започне и расправата за новиот буџет за идната 2027 година.
