Коридорите ќе го зголемат БДП, смета Пенов – ВМРО-ДПМНЕ: Власта на сила ги турка законите за да прави криминал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На утрешната седница на Собранието ќе се најдат предлог измените на петте закони потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д кои се со европско знаменце, иако пратениците ќе ја гласаат првата фаза, односно потребата од нивно донесување.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов за Тв21 оцени дека овој проект е еден од најголемите развојни проекти во земјава. Со тоа се отвора шанси за побрз пристап да доаѓа капитал, да доаѓаат луѓе, да се градат нови бизниси, нови објекти кои ќе го подигаат вкупниот развој, вели Пенов.

„Ќе се раздвижи не само градежната оператива, туку многу сектори во државава ќе добијат шанса, многу пари ќе влезат во обртот бидејќи во договорот Бехтел и Енка 51 посто од парите се обврзани да ги потрошат во Македонија, само по тој основ за 1 процент го зголемуваме бруто домашниот производ“, вели Ристо Пенов.

Пратеникот на СДСМ Мартин Костовски смета дека со изградбата на коридорите, нашата држава станува вистински кружен тек на Балканот. Законите, вели тој се потребни за да не се повтори случајот со изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

Станува збор за најголемата инвестиција во инфраструктурата, вредна 1,3 милијарди евра, од кои најмалку 51 отсто, или над 600 милиони евра ќе завршат кај домашните градежни компании. Коридорот 8 Европската унија  го признава како европски коридор со геостратешка важност, па оттаму, измените на овие закони се носат со европско знаменце“, вели Мартин Костовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму со обвинувања дека овој договор е штетен, а дека законите се носат на сила и со европско знаменце за да туркаат криминал, велат од оваа партија.

Молкот на Ковачевски и бегањето од дебата е потврда на штетите внатре во договорот. Потврда дека Ковачевски прифатил да плаќа стотици милиони евра за аванси и пенали на приватна компанија што ја договори без тендер во 4 очи, прифатил работници да работат повеќе часови за да се полнат џебовите на надзорот, легалните и дивите објекти исто и еднакво да се обесштетуваат“, порача Наум Стоилковски.

Утре на собраниската седница на усвојување на потребата од нивно донесување ќе се најдат предлог законите за измена на Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за коридорор 8 и 10Д, Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, законот за експропријација и законот за работни односи. За овие закони Левица има поднесено дури 6.664 амандмани.