Коридорот 8 дел од ЕУ-мрежата – во Собранието продолжува претресот на законите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски замина за Црна Гора каде што утре ќе го потпише анексот на Договорот со кој што Коридорот 8 треба да се најде на мапата на главни коридори во регионот и во Европската унија. Со ова Коридорот 8 треба да стане видлив за трансевропските мрежи и  со тоа, како што велат од Владата, се оправдува и употребата на европското знаменце на законите потребни за изградбата на коридорите.

„Законските измени ќе ја забрзаат изградбата не само на овие, туку и на други проекти од национален интерес. Во некој следна фаза, финансирањето на овој проект ќе се дополни со европски средства и ќе се вклучат и европски компании“, велат од Влада.

Во меѓувреме во Комисијата за европски прашања продолжи дебатата по измените на законските решенија потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д. На дневен ред дојде законот за урбанистичко планирање кој како и другите закони има европско знаменце. На седницата беше одбиен амандманот доставен од ВМРО-ДПМНЕ, по што опозицијата реагираше и рече дека со овие законски измени наместо планска документација ќе има само урбанистичко планирање.

„Доколку се донесе ова законско решение целокупните постапки на урбанистички планирања ќе бидат суспендирани и нема да има потреби од почитување на детални урбанистички планови или на генерални урбанистички планови. Од овој момент натаму кога ова законско решение ќе стапи во сила ништо од тие одредби или тие процедури едноставно нема да важи. Тоа ќе значи дека не само за оние проекти од национален интерес туку секој оној објект дури и да се работи за зграда за колективно домување доколку Владата донесе одлука дека е од стратешки интерес може да се гради било каде на било која точка“, вели Бојан Стојановски.

Заменик министерот Беким Реџепи во одбрана на законските измени, вели дека тие се потребни за коридорите со кои Македонија се поврзува со Европа.

„Не е срамота да инвестирате една милијарда евра за доброто на граѓаните каде што Македонија од ќор-сокак го поврзуваме со обединетата Европа. Ова е приоритет за нас. Вие треба да се гордеете бидејќи сте дел од составот на Собранието каде што започнуваат капитални сериозни проекти со важност“, вели Беким Реџепи.

Претресот на измените на законот за урбанистичко планирање ќе трае два дена, а за расправа остануваат уште три од вкупно петте закони потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д.