Коридорот 8 дел од европската мапа – Бочварски: Македонија станува крстосница на регионот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коридорот 8 станува дел од мапата на главни коридори во регионот и Европската унија. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во Црна Гора го потпиша анексот на Договорот со Европската унија со кој што Македонија со Коридорот 8 влегува на мапата на главни европски коридори на оската Исток – Запад заедно со Италија, Албанија и Бугарија.

„Ова е стратешки значајна одлука на Европската унија со што Северна Македонија веќе е позиционирана централно како крстосница на регионот на два главни европски коридори тоа се Коридорот 10 и Коридорот 8 со што продолжуваме со нашите обврски и оттука сакам да ги повикам сите институции во државата но и во целиот регион да се зафатат со својот дел од обврските и задачите и час поскоро оваа инфраструктура да ја доведеме на ниво на модерни и безбедни патишта и железнички пруги со што нашата инфраструктура ќе ја подигнеме на ниво на инфраструктурата во Европската унија“, вели Благој Бочварски.

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму велат дека договорот е штетен а законите кои имаат европско знаме се носат на сила во Собранието. Од партијата информираат дека шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски имал средба со специјалниот претставник на германската влада Мануел Сарацин  на која се дискутирало и за ова прашање.

„Мицкоски го информираше Сарацин за злоупотребите во Собранието кои што ги прави власта во однос на користењето на европското знаменце за законите кои се однесуваат за договорот со Бехтел и Енка за историски криминал, додавајќи дека на тој начин не и се дозволува на опозицијата да може да дискутира по однос на забелешките на законите“, вели ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку во Собранието продолжува комисискиот претрес на законите потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д. Денеска е вториот ден од дебата по измените на законот за урбанистичко планирање а од утре останува да се одржи и расправата по останатите три закони.