Коронавирус ги блокира образовните установи – мечот Македонија-Косово без публика, бремените жени ослободени од работа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија се мобилизира поради зголемувањето на бројот на заразени со коронавирус. По препорака на Комисијата за заразни болести, Владата усвои дополнителни мерки како превенција од вирусот. Новонастанатата состојба ги затвора сите образовни установи – училиштата, градинките и универзитетите за две недели. Еден од родителите на дете до 10 годишна возраст ќе биде ослободен од работа. Забранети се и собири со над 1.000 ученици, а спортски натпревари ќе се играат без публика.

Комисијата за заразни болести препорача, а Владата ја прифати мерката – сите лица кои доаѓаат од подрачја со висок или среден ризик од Ковид-19, да се самоизолираат и да се избегнуваат патувања во овие зони. Заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, рече дека постарите лица треба да го намалат излегувањето надвор и патувањето со јавен превоз, иако првиот човек на Град Скопје, тврди дека автобусите секојдневно се дезинфицираат.

„За хронично болните беше дадел апел да ги намалат нивните движења и да се огранични јавниот превоз. За бремените жени беше даден предлог да се ослободат две недели од нивните активности или работа“, вели Арменд Арслани.

За оние кои нема да ги почитуваат овие мерки, министерот за здравство, Венко Филипче, најави санкции според Член 205 и 206 од КЗ, каде се предвидуваат парични и затворски казни. Во земјава нема нови случаи со Ковид 19, освен 16-годишна девојка која се тестира. Состојбата на 7-те лица кои се во карантин на  Инфективна клиника е стабилна. Првата заразена пациентка речиси е целосно излечена, при што, во текот на денот, по направените анализи се очекува да биде пуштена дома. Во самоизолација остануваат околу 200 лица, а некои од нив се под надзор на  полициски службеници  .