Корупцијата и политичките злоупотреби се најголеми непријатели на граѓаните и на владеењето на правото, напиша во својата порака премиерот Зоран Заев за денешниот меѓународен ден за борба против корупцијата. Тој порача дека Владата и натаму е посветена на градење систем против ваквите злоупотреби.
„Корупцијата ги краде парите на граѓаните, ја руши правната држава, ги слабее институциите и ја загрозува демократијата, создавајќи недоверба меѓу граѓаните. Правдата, еднаквоста и слободата се првите жртви на политичките злоупотреби и корупцијата“, истакна Зоран Заев.
На панел дискусијата за борбата против корупцијата претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска порача дека секој поединец мора да покаже капацитет да се бори против ова зло.
„Секое смело, одговорно и професионално однесување на граѓаните, значи спротивставување на корупцијата, Никогаш не е доцна да се спротивставиме на незаконските дејствија на поединци и институции, но и на оние законски решенија кои предизвикуваат разорувачки ефекти за општеството“, вели Билјана Ивановска.
За потребата од зголемување на ефикасноста на системот за антикорупцијата зборуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Постоењето ефикасни домашни институции и механизми за борба против корупцијата се клучни во процесот на пристапување и се дел од таканаречените фундаменти, односно прашања кои се оценуваат во секоја фаза од пристапниот процес и се клучни во преговорите“, посочува Дејвид Гир.
Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски порача дека Владата отвора широк фронт и има силна политичка волја за справување со оваа појава.
„Волјата да создадеме функционален систем во интерес на сите граѓани, систем кој постојано и без разно влијание на било какви лоби групи ќе генерира и испорачува правда, правна држава, ред и функционирање на институциите и на поредокот“, порача Љупчо Николовски.
На денешниот Меѓународен ден за борба против корупцијата министерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со претседателката на Транспарентност Интернешнел Македонија презентираа извештај од истражувањето за ризиците од корупција во одбраната во земјите на Централна и Југоисточна Европа. Успеавме да бидеме рангирани на второ место пред сите земји од регионов, а сме подобри и од четири земји членки на Европската унија и 6 земји членки на НАТО, истакна Шекеринска.
