Однесување без преседан и кршење на Виенската конвенција за дипломати – вака го оценија од Кабинетот на косовската претседеателка Вјоса Османи однесувањето на аеродромското обезбедување во Скопје. Според соопштението од Кабинетот на Османи, обезбедувањето и го побарало телефонот, како и личниот багаж за скенерски проверки, иако на претседателката и следуваат дипломатски привилегии.
„И покрај образложението на правилата што тимот на претседателката му го соопштиле на аеродромскиот службеник, тој се обидел физички да ја турне претседателката, при што косовската полиција била принудена да реагира. Ваквото однесување на македонскиот аеродромски службеник е спротивно на секоја меѓународна практика, според која, шефовите на држави кога патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитет.“, велат од Кабинетот на Османи
Оттаму додаваат дека уредно го пријавиле престојот на претседателката на скопскиот аеродром.
„Прекршувајќи ги овие правила, македонската страна ѝ ја одзеде чантата на претседателката. Иако тоа е спротивно на правилата, тимот на претседателката тоа го дозволи за претседателката да може да влезе на аеродромот, поточно во ВИП-салонот, кој беше резервиран со нота од нашата амбасада, како што е практика за патувањата на шефовите на држави“, велат од Кабинетот на Османи
Од аеродромот, поточно од ТАВ Македонија, ги отфрлаат ваквите наводи. Тие велат дека сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој случај, се предмет на безбедносен преглед.
„Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури“, велат од ТАВ Македонија.
Според амбасадорот Мухамед Халили, доколку претседателката патувала службено, а косовската амбасада го пријавила транзитот, тогаш станува збор за инцидент. Но, ако транзитот не бил пријавен и претседателката пратувала приватно, таа морала да биде прегледана, исто како како и другите патници.
„Од дипломатски аспект, доколку претседател на една држава минува низ територијата на друга држава, за да оди во таа земја или во некоја друга држава, тогаш амбасадата на таа земја каде ја минува границата претседателката, има за обврска да им се обрати на органите за контрола на безбедност и МНР, со барање дека дипломати од висок ранг, во случајов претседателот, да му се обезбеди лесно минување низ нејзината територија“, вели Мухамед Халили.
Халили додава дека во ваков случај и рачниот багаж и членовите на делегацијата подлежат на правилата уредени со Виенската конвенција. Косовското МНР најави дека за случајот ќе бара појаснувања од македонските колеги. Оттаму настанот го оценија како недостоинствен.
