Костадиновски по изјавата на Адеми: Тешка манипулација, никој никогаш не кажал дека Законот за јазици е противуставен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, вечерва во емисијата „Клик Плус“ ја искоментира и изјавата на Арбер Адеми дадена во студиото на ТВ21 дека Судот подготвил реферат со кој Законот за употреба на јазиците се оценува како неуставен.

Костадиновски рече дека не ја следел изјавата, но доколку такво тврдење навистина било изнесено, станува збор за „тешка лага и тешка манипулација“.

„Никој никогаш не кажал дека законот е неуставен. Можеби одредени законски одредби се уставно проблематични, но многу ми смета кога се прејудицираат работите“, изјави Костадиновски.

Тој обвини дека политичарите премногу лесно користат чувствителни теми за политички цели и мобилизација на гласачи, особено кога станува збор за меѓуетничките односи.

„Не знам од каде му е рефератот, но не станува збор за никакво „масакрирање“ на албанскиот јазик. Никој нема да го чепне албанскиот јазик. Албанскиот јазик е уставна категорија, така како што е уреден со Уставот“, нагласи претседателот на Уставниот суд.

Костадиновски додаде дека Законот за употреба на јазиците бил донесен со цел дополнително да ја операционализира употребата на јазиците и дека со него се проширува примената во повеќе области.