Костадиновски: Уставниот суд бил лојален на власта, но во последно време полека но сигурно си го зазема местото што му го доверил уставотворецот и не прави компромиси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, изјави дека Судот во минатото често бил премногу компромисен кон политиката и власта, но дека во последниот период постепено ја зацврстува својата независност и ја презема улогата што му ја доверил уставотворецот.

Во емисијата Клик Плус на ТВ21, Костадиновски посочи дека засилената улога на Уставниот суд создава нервоза кај одредени државни институции, особено кај законодавната власт.

– Со спикерот Гаши имам лични и пријателски односи, а кога го критикувам законодавецот, тоа не е лична критика кон него, туку кон самото Собрание. За јакнењето на улогата на Уставниот суд нормално е да има нервоза кај некои државни органи, како што е Собранието – рече Костадиновски за ТВ21.

Тој оцени дека Судот во минатото бил „лојален на власта“, односно премногу внимателен кон законодавецот и Владата.

– Многу често Уставниот суд бил прекомпромисен со политиката, бил на некој начин лојален на власта, на законодавецот, на Владата. Но во последно време, Уставниот суд полека, но сигурно си го зазема местото што му го доверил уставотворецот и не прави компромиси – изјави претседателот на Судот за ТВ21.

Според него, безкомпромисниот пристап на Уставниот суд не се однесува само на еден конкретен предмет, туку е видлив во одлуките што редовно се носат на седниците.

– На секоја седница носиме одлуки. Некои се повеќе експонирани во јавноста, некои помалку. Законодавецот долго време бил навикнат на еден комфор, а денес тој комфор е малку нарушен, но ќе се навикне – порача Костадиновски.