Коцевски: Ковачевски е криминален и папучар – Каевски: Вашите функционери ги судат, Мицкоски со куќа од милион евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трета недела по ред во Собранието се расправа за реконструкција на владиниот кабинет откако Алијанса за Албанците влезе во Владата а на дневен ред е дебата по предлогот за новите министри. Пратениците од власта и опозицијата и денеска со навреди и меѓусебни критики за тоа кој е вмешан во корупција и криминал.

„Господине Ковачевски образот е многу важен, чистиот образ. Вашиот е многу валкан и многу криминален. Таквите мажи како вас во мое маало ги викаат папучари. И еден совет господине Ковачевски, почесто гледајте се во огледало и ќе ја видите несигурноста на мажот во себе. И ако продолжите така нема да ве повикаат ниту на парадата на гордоста.“, рече Коцевски.

Реплицираше Дарко Каевски кој им врати дека кога зборуваат за криминал треба да знаат дека за поранешни функционери од нивните редови има покренато судски процеси, а тука беше спомната и куќата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

ѓ„Кога зборувате за криминал и велите дека имате образ треба да се потсетите дека за ваши партиски другари, преку 100 функционери има започнато судски процеси за криминал и корупција. Кога говорите за криминал треба да имате образ и да се потсетите дека вашиот партиски лидер изградил куќа од еден милион евра.“, изјави Каевски.

Се очекува дека до крајот на денов е можно да се исцрпи дебата и да се прејде за гласање на новите министри Кренар Лога за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство и Азир Алиу за информатичко општество и администрација тројцата од редовите на Алијанса за Албанците како и за Каја Шукова за министер за екологија од СДСМ. По изборот на министрите во Собранието треба да продолжи расправата за разрешување и потоа за именување на замениците министри.