Државниот обвинител Љупчо Коцевски нема да го послуша премиерот Христијан Мицкоски да си поднесе оставка за побрзо да започне постапката за избор на негов наследник. Власта веќе ја започна процедурата за негово разрешување.
„Јас ќе си ја преземам обврската и доколку се утврди дека се работи навистина за тешка дисциплинска повреда, како што е во Законот, јас навистина ќе се повлечам.“, вели Љупчо Коцевски.
Од Министерството за правда веќе образложија дека Коцевски работел незаконски и постојат сомневања за непристрасност и судир на интереси. Коцевски ги отфрли наводите и додаде дека јавноста ќе цени дали ќе биде разрешен законски или незаконски.
„Она што досега го слушнав во јавноста, што да коментирам, само дека тука нема никаква тешка дисциплинска повреда.“, вели Љупчо Коцевски.
Власта побара смена на Коцевски од позицијата, откако тој ја назначи Наташа Крстевска Цалева привремено за прв човек на Вишото обвинителство, на местото на суспендираниот Мустафа Хајрулахи. Според Владата, назначувањето било незаконско, додека пак Коцевски го тврди спротивно. Во секој случај, по само осум дена на функцијата, Крстевска Цалева побарала да се повлече.
„Во текот на вчерашниот ден до Советот на јавни обвинители е пристигната молба или барање, така е насловено, од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство во Скопје, кој е определен да раководи со тоа Јавно обвинителство додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител.“, вели Душица Димитриевска.
Нејзината молба ќе биде разгледана на наредната седница на Советот на јавни обвинители, а наскоро во Советот ќе треба да се произнесат позитивно или негативно и за предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски. Според премиерот, Коцевски имал време да се покаже, а наредниот државен обвинител требал да биде бескомпромисен борец со криминалот.
