Последен ден во кој истекува рокот за преименување на бугарските клубови во земјава кои ги носат имињата „Цар Борис Трети“ од Охрид и „Ванчо Михајлов“ од Битола. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека законот во целост ќе биде спроведе и бугарските клубови кои ќе се усогласат со законот и ќе се пререгистрираат во Централниот регистер ќе продолжат со работа
„Согласно нашиот закон кој што е изгласан со апсолутно мнозинство во Собранието, сите имаа временски период за усогласување на имињата со новиот закон. Оние кои што тоа го направиле ќе продолжат да работат согласно законите, оние кои што тоа не го направиле, согласно законите, нема да продолжат да работат. Еден клуб веќе знам дека поднел барање за промена на името“, вели Димитар Ковачевски.
Бугарскиот клуб од Охрид „Цар Борис Трети“ уште минатата недела информираше дека веќе поднел барање до Централниот регистер за промена на името, но клубот од Битола „Ванчо Михајлов“ одбива тоа да го направи и најави дека ќе поднесе тужба до меѓународните судови. И Весела Чернева поранешна советничка за надворешни работи на експремиерот на Бугарија Кирил Петков со оценка дека имињата на бугарските клубови во Македонија имаат за цел да провоцираат.
„Именувањата на тие два културни клуба кои, впрочем именување никој не сака да си признае авторство. Тие именувања се направени на тој начин за да ја провоцира другата страна. Кога отворате еден клуб, така што тој да биде мост за некакво затоплување на односите не правите така што ќе ја вознемирувате другата страна. За Северна Македонија тоа е период на Втората светска војна во тој период имало окупациски војски таму, тоа биле бугарски војски“, вели Весела Чернева.
Пред три месеци Собранието ги усвои измените на Законот за здруженија според кои се забранува употреба на имиња кои поддржуваат фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх. Доколку здруженијата не го усогласат името со новите одредби министерот за правда е задолжен да донесе одлука за престанок на постоење на здружението, а Централниот регистер да ги избрише.
