Премиерот Ковачевски не одговори директно дали ќе побара од градоначалникот на Струга Рамиз Мерко одговорност откако Соединетите Американски Држави го ставија на црна листа поради криминал и корупција, туку рече дека да бил на негово место, самиот би си поднел оставка. За ова Ковачески рече дека не разговарал со својот коалициски партнер, лидерот на ДУИ Али Ахмети.
„Избран функционер од страна на граѓаните сам треба добро да размисли и сите советници во општина Струга од сите политички партии бидејќи градоначалникот Мерко во својата кариера бил дел од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Јас да се најдам на црната листа на Соединетите Американски Држави како човек кој што дел од своето образование го завршил во Соединетите Американски Држави, не што ќе си дадам оставка, јас тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера“, вели Димитар Ковачевски.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека со ова треба да се занимаваат институциите, но и тој вели дека за следните чекори во врска со Мерко треба да се произнесе неговата партија ДУИ.
„Мислам дека треба, секако сериозно да го разгледаме тоа, нашите институции да се позанимаваат со тоа и секој сигнал од нашиот стратешки партнер треба сериозно да се земе, а околу политичките чекори или околу натамошните институционални чекори треба да каже секако политичката партија на кој припаѓа господинот Мерко и надлежните институции. Но вака принципиелно треба да ги земеме сериозно секој сигнал од нашиот стратешки партнер“, вели Бојан Маричиќ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не треба некој друг да ни кажува дека има криминал во Македонија во која владеат кланови за што потврда стигнала и од самиот Стејт департмент.
„Ова што пристигна од Стејт департментот е само потврда на тоа што ние го чувствуваме, градоначалник и дел од највисокото раководство на политичката партија Демократска унија за интеграција е ставен на таа црна листа поради тоа што тие имаат докази. Единствен кој што го брани Рамиз Мерко е Димитар Ковачевски. Дури и самата ДУИ молчи, единствен кој што го брани е Димитар Ковачевски“, вели Христијан Мицкоски.
За случајот со Рамиз Мерко и Антикорупциска комисија пред 4 години отвори случај во кој укажа на криминални дејства, но, како што вели членот на оваа Комисија Владимир Георгиев, никој не покренал постапка за нивните укажувања.
„Ова воопшто не е изненадување, но изненадување е што повторно нашите институции сега се разбрануваа откако некој однадвор ќе укаже за одредени состојби што ние веќе сме ги констатирале. Уште во 2019 година кога утврдивме низа злоупотреби во неговото работење како градоначалник, кога тие наводи што ги најдовме беа поткрепени со извештаи од Државниот завод за ревизија меѓутоа ништо не беше преземено понатаму“, вели Владимир Георгиев.
Досега нема никаква изјава од струшкиот градоначалник Мерко кој се најде на црната листа на САД од каде укажуваат дека одлуката е донесена затоа што постојат сигурни информации за вмешаност на Мерко во корупција и влијанија во судски процеси.
