Ковачевски и министрите втор ден во Софија, најавен нов конструктивен тон за решавање на спорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заврши дводневната посета на Владата на Македонија во Софија. Одржана беше втората заедничка владина седница на која беа потпишани низа меморандуми кои во следниот период ќе треба да ја зголемат соработката меѓу државите, но и ќе го подобрат животот на граѓаните. Главните акценти се дека историската комисија ќе работи со зголемено темпо за решавање на отворените политички прашања.

„Постојат држави како што е Република Северна Македонија каде што индивидуалните права се остаруваат колективно. Во нашиот устав освен македонскиот народ има и албански народ и другите кои ги сочинуваат другите заедници кои се дел од уставот и нормално доколку и други граѓани во државата кои што се самоопределуваат на друг начин и тие може да побараат да бидат дел од Уставот на РСМ. Тоа е нормално процес кој што поминува низ уставните измени кој што има повеќе чекори и во кој се вклучени повеќе институции и доколку тоа се случи, а нормално дека такво нешто се случува на патот на една држава кон ЕУ, бидејќи тогаш се отвора уставот со цел и други адаптирања се направат. Тогаш низ тој процес секако дека ќе бидат опфатени и тие прашања врз основа на барањата на граѓаните“.,изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека нема да ги менуваат членовите во историската комисија од нивна страна, додавајќи дека очекува во наредниот период да замре јазикот на омразата. Петков и Ковачевски се среќаваат по само една недела и велат дека се поставени основите за брз напредок на меѓусебните односи.

„Сакам да забележам дека историската комисија ќе има во следните четири месеци ќе има барем три средби. Многу интензивна работа, ова е многу оптимистички поглед кон заедничките резултати. Од денешните средби се гледа синергијата и предностите за добрососедство. Реално овие меморандуми имаат еден основен краен резултат и тоа е економски развој на целиот регион“, рече Петков.

Ковачевски оствари и средба со старо-новиот претседател на Бугарија Румен Радев кој рече дека потребен е отворен и искрен дијалог. Ковачевски се согласи со Радев додавајќи дека двете министерства за надворешни работи имаат полн капацитет за да разговараат за важните отворени прашања.

„Треба да имаме многу повеќе почитување, отворен и искрен дијалог за да може да одиме напред на овие важни теми,“ изјави Радев.

„Во однос на отворените политички прашања, се согласувам дека и динамиката на разговорите помеѓу министерството за надворешни работи на РСМ и МНР на Р. Бугарија треба исто така да се интензивира. Сметам дека тие имаат полн капацитет и дека може да разговараат за тие прашања“, вели Ковачевски.

Ќе и покажеме на Европа дека на Балканот може да се соработува, согласни се и двајцата премиери кои веќе задале временски рамки во кои ново-форамираните комисии треба да испорачаат резултати. Владината делегација денеска беше пречекана и од мирни демонстрантите пред резиденцијата, кои како што рекоа ги бранат правата на Бугарите во Македонија. Инаку премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше и на церемонијата „Достојни Бугари“ при што врачи награда на пожарникар, кој летоска помагаше за гаснењето на пожарите на истокот од Македонија. Од студената Софија е пораката дека ќе се затоплат односите меѓу двете земји.