Ковачевски: К-15 е регулиран со колективниот договор, Кочовска: Нефер третман кон јавната администрација

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски истакнува дека регресот за годишниот одмор на јавната администрација е регулиран со колективен договор.

„К-15 е регулиран согласно колективниот договор во гранковите синдикати кои го имаат потпишано тој договор, и доколку Владата не ја исполни таа обврска од колективниот договор, а се работи за бројка до 30 илјади работници кои што треба да добијат, односно не исплати регрес за годишен одмор, работниците имаат право да поднесат тужба пред надлежен суд при што државата ќе го изгуби тој спор и потоа ќе треба да плати и судски трошоци, и регрес и трошоци за извршители. Така да, многу е јасна одлуката во однос на исплата на тој регрес врз основа на колективен договор“, посочува Ковачевски.

На прашањето на модераторот за тоа што ќе се случува со останатите административци кои не се во овој колективен договор кој Владата го потпишала во 2019 година, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитроска Кочовска вели дека тоа е една комплетна нефер политика кон јавната администрација.

„Уште кога премиерот на Владата истакна колку средства се издвоени за К-15, беше јасно дека голем дел од јавната администрација нема да добијат К-15“, додава Димитроска-Кочовска.