Димитар Ковачевски лично дојде во Собранието и во архивата ја поднесе оставката од функцијата премиер со што и целата Влада е во оставка. Тој пред доаѓањето во парламентот одржал и куса средба со министрите на која им се заблагодарил за досегашната заедничка работа. Во Собранието имаше и куса средба со претседателот на Собранието Талат Џафери кој исто така ја поднесе својата оставка. Ковачевски во кусата изјава пред Собранието рече дека очекува Џафери да го задржи стратешкиот курс на Владата.
„Талат Џафери е искусен политичар кој што има големо искуство во водењето на парламентот, јас дојдов со друго искуство во водење на корпорации така што веројатно стилот ќе биде различен меѓутоа државата секако ќе ја задржи својот стратешки правец а тоа западната ориентација стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и техничката влада исто ќе се грижи за граѓаните бидејќи се уште сме во криза, така како што ние тоа го правевме во изминатите две години.“, рече Џафери.
Оставката на Ковачевски е првиот чекор за да се избере техничката влада која треба да ги спроведе изборите. Ковачевски е уверен дека по изборите ќе се врати на функцијата премиер.
„Ова е нешто што е предвидено со закон. На 9 мај повторно Владата ќе ја предводам јас и ова парламентарно мнозинство кое што ќе обезбеди полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската унија до 2030 година.“, вели Ковачевски.
Попладнево својата оставка ја депонираше и претседателот на Собранието Талат Џафери, а неговата и оставката на Ковачевски ќе треба да бидат констатирани на утрешната собраниска седница која што веќе е закажана во 11 часот. Тој од понеделник ја презема улогата технички премиер 100 дена пред одржувањето на изборите.
„Ве известуваме дека претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, поднесе оставка на функцијата. Воедно, известуваме дека го овласти потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, да претседава со пленарната седница закажана на 26 јануари 2024 година“, изјавија од Собранието.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ доцна синоќа ги утврди кандидатите за министрите и дополнителните заменици во техничката Влада. Иако се очекуваше дека ќе има веќе познати личности, сепак тие излегоа со нови лица, освен дополнителниот заменик во земјоделство Трипуновски кој беше и во претходната техничка влада.
„На чело на Министерството за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, актуелен претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен адвокат. За нов дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, висок професионалец во областа на финансиите. Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика. За нов дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје. Цветан Трипуновски за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. По вокација станува збор за дипломиран земјоделски инженер“, рече Муцунски.
Инаку, премиерот Ковачевски заедно со министрите ќе ја вршат должноста се до изборот на техничката влада на 28 јануари. Промена има и во премиерскиот кабинет, на местото прв вице-премиер што го водеше Артан Груби, сега ќе биде вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. А, на утрешната собраниска седница откако ќе бидат констатирани оставките на Ковачевски и Џафери ќе биде избран и нов претседател на Собранието, а тоа како што е познато е координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски.
