Ковачевски: М-НАВ станала семејна фирма – за скандалот во навигација се интересирале и од НАТО Алијансата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потребни се големи проверки особено во делот на вработувањата бидејќи М-НАВ станала како семејна фирма, оцени премиерот Ковачевски ден откако во оваа институција имаше промена на раководството. Директно алудираше на претседателот на Синдикатот за кого вели дека таму работел татко му тој и неговиот брат. Премногу случајности има во таа организација кои и не се толку случајни рече Ковачевски.

Прво сметам дека таа фирма е станата како семејна фирма, бидејќи кога ќе погледнете има до трето колено запослувани, кога ќе земете претседател на Синдикат, татко му работел таму, тој работи, брат му работи таму, на крај тие станале семејство во кое што имаат конфликти кои што обично се случуваат по дома кај луѓе. И сметам дека треба да се испитаат како што вели и Европската унија начинот на кој што ги прават конкурсите, начинот и критериумите на селекција на кандидати и така натаму, да не се случи некој кандидат да добива готови тестови, не знам“, вели Димитар Ковачевски.

Во целиот овој случај дури и изборот на новиот извршен директор на вчерашната владина седница одеше скандалозно. Прво беше предложен Илир Мемети, но откако имаше реакции во јавноста дека во неговата биографија има скандали го повлекоа по што како нов предлог го дадоа Хекуран Асани.

Прво немаше воопшто комична ситуација. Ситуацијата беше исклучително професионална. Јас гледав многу информации кои што одеа во медиумите во време кога бев на состанок кај Архиепископот на Македонската православна црква заедно со претседателот на државата. Инаку, имаше повеќе кандидати, не беа само двајца кандидати беа повеќе кандидати кои што беа предложени и разгледувани од страна на Владата“, порача Димитар Ковачевски.

За случајот со скандалозното упаѓање во М-НАВ говореше и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Според неа судот треба да ја преиспита одлуката за напаѓачите. За овој случај биле упатени прашања и од НАТО за тоа што се случува, бидејќи во тој момент на скопскиот аеродром слетувале два авиона на Алијансата.

Во однос на коментарите на судот и одлуките кои ги донесоа лично јас не се согласувам и мислам дека ќе треба да си ја преиспитаат одлуката. Дека биле поставувани прашања во рамките на тоа што се случува, апсолутно да. Официјална писмена реакција, барем до Министерството за одбрана нема меѓутоа секоја нивна комуникација ја сметаме за, можеби не загриженост, меѓутоа заинтересираност за тоа што се случува и тоа е сосема легитимно. Во тој момент на тој ден на Аеродромот во Скопје слетаа два авиони од НАТО земји членки“, вели Славјанка Петровска.

Амбасадорот Дејвид Гир го повтори ставот дека треба да има строга селекција при именувањата и вработувањата во вакви институции.

Важно е назначувањата да се прават врз основа на заслуга. Тоа значи квалификација , вештини, искуства, неприпадност на партија или некои лични врски. Второ, јасно е дека постојат обврски кога станува збор за воздушната навигација и обврските кон Европската унија во поглед на имплементирањето на ваквите обврски“, вели Дејвид Гир.

По одлуката на Владата да му предложи на Извршниот одбор на М-НАВ да ги смени двајцата директори, од синдикатот најавија дека штрајкот ќе го стават во мирување се додека не се изврши оваа смена на раководните позиции во Навигација.