Вработените во Фондот за здравствено осигурување неуморно работеа и успеаја за 14 дена да го решат проблемот со хакерскиот напад. Премиерот Димитар Ковачевски со пофални зборови за директорката на Фондот, особено за напорите на инженерите пред се за главниот инженер за кој најави дека ќе биде одликуван поради се што сторил за да биде решен проблемот со хакираниот систем.
„Сакам да се заблагодарам и на инженерите кои што таму работеа. Ќе ви кажам само еден податок, главниот инженер кој што работеше на овој проблем заради исцрпеност бидејќи работеше 24 часа на ден сега е на боледување. За една од наредните државни награди кои што ги доделува државата ќе предложам еден од инженерите кои што работат на справување со сајбер нападите да биде одликуван со државна награда во име на сите инженери кои што во овој период работат на спречување и на отстранување на последиците од сајбер напади“, вели Димитар Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат разрешување на генералниот директор на Фондот кој за време на хакираниот систем користел годишен одмор.
„Ковачевски наместо да дели награди да побара оставка од директорот на ФЗОМ Фатон Ахмети, кој користеше одмор и беше во партиска посета во Соединетите Американски Држави додека институција со која раководи имаше крахиран систем и владееше неизвесност дали податоците на осигурениците воопшто ќе можат да бидат вратени“, вели Марија Митева.
Покрај хакираниот систем на Фондот, секојдневно се соочуваме со закани за поставени бомби, што во последен период зачестија најмногу во училиштата.
И денеска на електронските пошти на 18 училишта во Скопје и едно во Прилеп пристигнале дојави за бомби.
Од МВР известија дека се извршени проверки и е утврдено дека станува збор за лани пријави. Премиерот Ковачевски фрли сомнеж со фактот што и покрај тоа што училиштата ги смениле и-меил адресите повторно стигаат дојави за бомби.
„Се води секогаш истрага за пријавата на лажни бомби. И дека таа истрага што ја спроведува Министерството за внатрешни работи покажува првични интересни податоци кои што не можам да ги коментирам бидејќи се дел од истрага. И при промената на и-меил адресите кај училиштата, бидејќи тие сега се ставени на еден сервер кој што е заштитениот сервер на МОН, како тоа веднаш адресите на училиштата се нашле кај тие кои што пријавуваат лажни бомби“, вели Димитар Ковачевски.
Ковачевски информираше и дека во земјава наскоро ќе дојде помошникот генерален секретар на НАТО на која што ќе се разговара токму за сајбер нападите.
