Преку денешната средба на Ковачевски со лидерите на коалициските партнери, премиерот испрати директна и јасна порака до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржи европската интеграција на земјава. Тој на оваа средба информираше и за неодамнешната посета на Соединетите Американски Држави и разговорите со Блинкен и Ескобар при што било речено дека Македонија треба да биде дел од Европската унија. Наша цел е полноправно членство во Европската унија до 2030 година, порача Ковачевски и ги повика партиите особено ВМРО-ДПМНЕ да направат се што е потребно за евроинтеграциските процеси.
„Оние кои ја блокираат нашата земја кон европскиот пат треба да одлучат како понатаму. ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица. Во тој контекст и високиот претставник на Соединетите Американски Држави господинот Ескобар упати јасна порака опозицијата не треба да ми даде на мене поддршка,треба да ја поддржи европската иднина на нашите граѓани“, вели Димитар Ковачевски.
Но што доколку се случи да не се исполни обврската за уставните измени која е услов за преговорите со Европската унија, дали Ковачевски размислува како чин на одговорност да си поднесе оставка?
„Не размислувам, бидејќи Владата има свои ингеренции во однос на управување со државата, а обврска за уставни измени е двотретинско мнозинство, тоа е обврска не само на Владата, тоа е обврска на сите општествени и политички чинители во државата, тоа е обврска на секој пратеник. Мандатот на Владата не е поврзан со гласањето на уставните измени, туку оваа Влада ќе покаже дека имаме парламентарно мнозинство кое што е проевропско и јас се надевам дека опозицијата на крајот ќе донесе одлука со која што ќе се приклучи кон европскиот блок“, додаде Димитар Ковачевски
Од ВМРО-ДПМНЕ се јавија со реакција и велат дека Ковачевски треба да се соочи со фактот дека нема двотретинско мнозинство и бараат од него оставка.
„Димитар Ковачевски веднаш уште денес да ги достави предлог за уставни измени во Собранието за да се соочи со фактот дека нема двотретинско мнозинство. И кога нема да поминат овие уставни измени, кукавицата Димитар Ковачевски да си поднесе неотповиклива оставка. Тоа што кажува дека нема да си поднесе оставка доколку не поминат уставните измени покажува дека тој е само еден уплашен човек кој бега од соочување со народот“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
За се погласните несогласувања на дел од помалите политички партии и нивните најави за излегување од власта, Ковачевски рече дека е разговарано со нив и се прават напори за исполнување на нивните барања.
