Ковачевски свикува лидерска за уставни измени – Груби најавува и други барања, Мицкоски вели – измени нема да има

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Димитар Ковачевски со покана до политичките партии за одржување лидерска средба в понеделник на 7 овој месец, на која како што е најавено ќе се расправа за европската иднина на земјава, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус.

ДУИ на оваа средба се чини оди со повеќе предлози за измена на Уставот, освен она како што е барањето за бришење на 20%.

Тоа го најави вицепремиерот Артан Груби во емисијата Клик Плус на ТВ21 кој рече дека има многу прашања во Уставот кои треба да се разговараат и дека за нив ќе има повеќе од 80 гласови во Собранието.

„Не само прашањето за Преамбулата, туку и други прашања, меѓу кои прашање за 20%, цензусот за референдумот, начинот за избор на претседателот, на пример не на непосредни избори. Да отвориме широка општествена дебата и да направиме вистинска промена на Уставот со сите елементи, не само промена на Преамбулата со вметнување на бугарската, црногорската, хрватската и другите заедници. Не само отстранување на „20%“ и замена со албански јазик, ќе разгледаме и други работи. Велам дека сум голем оптимист дека ќе имаме повеќе од 80 пратеници за промена на Уставот“, вели Артан Груби.

На ова остра реакција стигна од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој, како што  рече промена на Уставот под вакви околности нема да има. Тој рече дека ќе оди, но вели дека не прифаќа да се зборува за друга тема отколку за актуелните проблеми со кризата  и за одржување предвремени избори.

„Пострашно е што беше тоа што го кажаа како дообјаснување претставниците и лидерите на албанските партии а тоа е формирање на дводомен парламент што би значело де факто и де јуре федерализација. И мислам дека тоа многу многу погрешен потег, односно нарушување на унитарниот карактер на Македонија, бидејќи мислам дека ниту на Европа ниту на светот не му е потребна уште една Босна на Балканот уште една нефункционална држава. Зошто тогаш лидерски средби за уставни измени ако имаат 80 пратеници. Мислам дека господинот Груби има поинаква намера“, посочи Христијан Мицкоски.

Иницијатива за лидерска средба изминатите денови покажаа и опозициските партии од албанскиот блок во однос на бришењето на формулацијата 20%. Вчера од Беса излегоа со повик до сите албански партии на средба на која ќе се договараат околу ова барање. Од Алијанса за Албанците велат дека утре ќе донесат одлука за поканите на лидерски средби од премиерот Ковачевски и од Движењето Беса.