Четврток треба да се случи оставката на премиерот Ковачевски, а со тоа и на целата Влада, а собраниската седница на која треба да се констатира оставката се очекува да биде во петок. Со ова практично на премиерот му останува уште еден ден од неговата позиција прв човек во Владата, но до изборот на техниката влада задолжена за спроведување на изборите која треба да се случи до недела на полноќ, Ковачевски и министрите ќе ја вршат должноста. За најавите дека се планира министрите во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да не бидат ставени на гласање, со што се отвора простор и за нова политичка криза, Ковачевски рече дека до недела има време да се постигне договор.
„До недела има доволно време, тоа беше мојот одговор за да сите работи се договорат и во недела да имаме гласање за техничка влада со која што ќе спроведеме демократски избори. Затоа велам дека има доволно време бидејќи сите треба да бидат сериозни, не може некој да се однесува како 13-годишно дете, јас ќе предложам и нема да гласам, нема да гласам ова, нема да гласам она. Значи секој мора да биде сериозен. Никаде во свет нема да предлагате министри а друг да ви ги гласа“, додаде Димитар Ковачевски.
Но, колку е ова различно од 2016-тата година кога се гласаше првата техничка Влада откако се постигна Пржинскиот договор, бидејќи тогаш пратениците на СДСМ не влегоа на собраниската седница.
„Тогаш беа други услови, тогаш, знаете дека Собранието беше злоупотребувано од страна на власта. Вие се сеќавате при носење на буџет пратениците на СДСМ беа исфрлани од Собранието и владееја други услови и таа Пржинска влада беше воведена токму заради тоа што не постоеше демократија во државата. И затоа сметам дека сега треба сите политички партии согласно закон да ја поддржат оваа Влада, особено што се работи за мандатар кој што мандатар бил министер во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, порача Димитар Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ во текот на претстојните денови треба да одржат седница на партиските тела и да ги предложат имињата кои ќе бидат технички министри и заменици. Од оваа партија преку соопштение ја критикуваа досегашната влада.
„Димитар Ковачевски на ден пред заминување од функцијата премиер, наместо да собере храброст и да им се извини на граѓаните за сите лаги и манипулации и неправда одбра да лаже. Наместо година на европски можности за Владата на СДС и ДУИ 2023 година беше година на криминал, корупција, скандали, афери, тендери, како и сите овие 8 години“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со оставката на Ковачевски и изборот на техничката влада и официјално започнуваат да течат 100-те дена пред одржувањето на изборите.
