Премиерот Димитар Ковачевски конечно потврди дека со Алијанса за Албанците се водат преговори за нејзин влез во Владата. Запрашан за преговорите и поделбата на ресорите што би ги добила АА, Ковачевски рече дека во оваа фаза не се разговарало за поделба на ресори, туку за концептот и политичките вредности.
Ковачевски најави дека во Собранието покрај уставните измени ќе се изгласаат и многу други закони, па затоа, како што рече, е неопходна соработка со сите партии, без оглед дали се на власт или во опозиција.
Ако АА влезе во Влада, Движењето Беса ќе остане единствената албанска партија во опозиција. Интересно е тоа што БЕСА беше во власта, но одлучи да ја напушти по одлуката на Државната изборна комисија да се прегласува во Желино на локалните избори, каде потоа победи кандидат на ДУИ. Претседателот на Беса, Биљал Касами, вели дека за неговиот политички субјект важен е предизвик да се задржи улогата на опозицијата.
„Не, нема да останеме сами, ќе останеме со Албанците. Ќе останеме со народот и отсекогаш најмоќните сојузи биле сојузите со граѓаните. Сметаме дека Албанците во Северна Македонија се очајни за политичко претставување и не претставува чест за некоја политичка партија во овие деликатни моменти во кои се наоѓа државата и неуспесите на оваа Влада кои ја влошија ситуацијата уште повеќе, да влезе во Владата без да го добие мандатот од граѓаните, без да излезе со јасна понуда пред граѓаните и да им каже која е нивната мисија како дел од Владата“, вели Биљал Касами.
Веќе неколку недели во јавноста кружи темата за проширување на Владата и евентуалниот влез на АА во владиниот кабинет, но засега ништо конкретно. Минатата недела Таравари и Ковачевски имаа средба, но рекоа дека проширувањето на Владата не било предмет на дебата. Првиот човек на ДУИ, пред неколку дена потврди дека на оваа тема разговарал со претставници на АА, но без конкретен исход.
