Ковачевски за 2023 година прогнозира економски раст од 5% – Мицкоски вели буџетот носи инфлација а не развој

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Димитар Ковачевски очекува дека буџетот за 2023 година ќе помогне да се ублажат последиците од енергетската криза, а од друга страна да се забрза економскиот раст кој според него се очекува да се зголеми за 5%.

Во интервју за МИА, премиерот вели дека буџетот не само што е реален, туку и рационален, со што се обезбедува редовна исплата на пензиите, платите и социјалните надоместоци.

„Гледано во износи, Предлог-буџетот за 2023 година има за цел да одговори на тековната криза, со 250 милиони евра директно наменети за справување со истата. Но, тој има за цел и да ја стимулира економијата, за да понатаму се постигнат посакуваните и потребни стапки од 5 проценти економски раст“, вели Димитар Ковачевски.

Во врска со ова, лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го критикуваше премиерот, велејќи дека предлог-буџетот не е развоен, туку предизвикува инфлација. Мицкоски во интервјуто на премиерот вели дека има многу лаги и манипулации.

Мицкоски додава дека премиерот лаже и за трансферите и дотациите на општините. Тој се пожали дека во општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ постојано има опструкции, притисоци и инспекциски контроли за да се спречи развојот.