Овие цртежи закачени по ѕидовите на Центарот за азиланти во Визбегово ги нацртале осумте деца кои минатата година за првпат следеа настава во училиштата во нашата земја. Овие деца нема да се вратат во школските клупи ниту од 1 октомври, бидејќи заедно со нивните родители заминале во Германија.
Во овој центар престојуваат само возрасни лица, меѓу кои и овој 40-годишник од Авганистан. Веќе 7 месеци е тука и раскажува како го поминал периодот на изолација поради Ковид-19.
„Во моментов живеам во Македонија. Не планирам да си одам. Засега тука ќе останам. Сам сум тука. Немам семејство. Веќе нема корона, заврши. Три месеци бевме изолирани за време на корона, но сега помина“, вели азилант.
Центарот почнал со нова организација поради епидемијата. Останаа имуни на Ковид-19 со оглед на тоа што во центарот не е регистриран ниту еден заразен, а не стравуваат ниту од најавите за нов бран бегалци.
Нема групирања во занималните и мензата, а средства за дезинфекција се поставени низ целиот објект. Азилантите пред да бидат сместени тука, еден месец се изолираат во Гевгелија. Иако досега во центарот немало ниту еден позитивен случај, сепак се вршеле лекарски прегледи и се одржувале предавања за подигање на свеста во врска со пандемијата.
