И по поплаките кои траат неколку месеци од страна на лекарите и другиот персонал, Каролина Симоновска и натаму е директорка на детската клиника Козле. Поплаките продолжуваат. Од страв да не го изгубат работното место или од други последици, лекарите не сакаат да зборуваат пред камера за тоа што го тврдат дека се случува на клиниката. Со анонимен напис тврдат дека директорката клиниката ја довела во целосен професионален колапс, дискриминација и административен хаос. Раскажаа конкретен случај.
Во писмото, дел од персоналот апелираат за итно постапување на институциите, а се жалат и дека директорката Симоновска применува режим на страв, воведувајќи арбитрарни дисциплински мерки. Во писмото се вели и дека мандатот на Симоновска истекол.
Запрашан за ова, министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека ќе се прават одредени измени бидејќи на некои директори им истекол 6 месечниот мандат.
-Има разни поплаки, некои држат вода некои не, верувам дека во следниот период ќе направиме одредени смени на директори бидејќи 6 месечниот рок им завршува, така што сме во постојана комуникација и не сакаме да се случува оваа врева, или нешто спектакуларно, туку во рамки на редовните смени кои мислиме да ги направиме, за некои раководни места не сме задовлни но за некои сме супер задоволни, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Инаку, по постојаните поплаки од персоналот во Козле, на 19 декември 2024, Симоновска беше повикана во кабинетот на Таравари по што рече дека средбата била конструктивна и дек асе надева дека ќе остане на позицијата директорка на Козле. Поплаките за неа, Симоновска ги нарече ширење лаги. Тогаш Таравари изјави дека се разгледува работата на некои директори и дека ќе има смени таму каде што ќе се констатира дека не функционираат како што треба.
