Министерството за економија се чини дека ќе претрпи најголеми промени во мандатот на новата влада. Во иднина ова министерство ќе биде Министерство за економија и труд. Ќе се издвојат енергетиката, рударството и минералните суровини, за што ќе се формира ново министерство. Но, се поставува прашањето дали ова се козметички промени на новата власт или искрен обид за поефикасни министерства. ТВ21 разговараше со универзитетски професори и економски аналитичари, кои се скептични по ова прашање. Нивниот став е дека е многу битно кој ќе раководи со тие министерства, а не кои сектори ќе ги покриваат. За професорот Ванчо Узунов логично е трудот да биде дел од економијата, или енергетскиот сектор, рударството и минералните суровини да имаат посебно министерство, но сепак вели не очекува некакви промени во ефикасното работење.
На крајот зависи кој таму ќе работи и кој ќе раководи со тие институции. Ако тоа не е добро направено, бадијала сите реорганизации. А, ако тоа е добро направено, или досега било добро направено, во минатото, тие институции и во овој досегашен сплет ќе работеле подобро од тоа што го работеле. Што значи самата реоранизација е една политичка обланда, еве нешто правиме, но сама по себе нема ништо да донесе, вели Ванчо Узунов, универзитетски професор.
На, сличен став е и економскиот експерт, воедно и професор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии Бранимир Јовановиќ.
Наместо да има кратење на министерствата и рационализација на државните институции, сега повторно ќе има дуплирање. ВМРО веројатно сакаат да сместат некој нивен човек на таа позиција, и тоа е разбирливо, но тоа ќе биде на грбот на граѓаните, кои, како и секогаш, ќе го платат цехот на неодговорноста и хировите на македонските политичари.
Според најавите, ова ќе бидат новите, но и реконструираните министерства.
Но, реконструкцијата на старите и отворање на нови министерства ќе значи и потреба од повеќе пари од буџетот и повеќе луѓе.
Ако формирате повеќе институции, ги зголемувате трошоците. Тоа автоматски е намалување на ефикасноста, а не зголемување на ефикасноста.Тој потег сам по себе, формирање на повеќе институции, мене ми изгледа чист политички пазар и популизам, но пред се пазар да се удомат на функција повеќе луѓе бидејќи коалицијата е очигледно голема што сака да ја преземе власта, вели Ванчо Узунов, универзитетски професор.
За пополнување на местата во новите министерства, Мицкоски најавуваше дека нема да има нови вработувања, туку ќе има прераспределба на веќе вработените административци. Иако не е познат датумот, сепак претседателот на Собранието, Африм Гаши најави дека првата седница која ќе ја закаже ќе биде токму за измена на законот за организација на работата на органите на државната управа, според кој ќе биде изгласана новата влада. За, овие измени потребно е двотретинско мнозинство, односно најмалку да гласаат ЗА 80 пратеници, а ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ во моментов имаат 78 пратенички мандати. Владата на Мицкоски ќе има 20 министри со ресор и тројца министри без ресор.
