Кредит на ЕСМ: Унгарските пари за девет милиони евра поевтини од комерцијалниот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од државната компанија за производство на електрична енергија ЕСМ сметаат дека е добро што земале кредит од 82 милиони евра од четири комерцијални банки, а не да ги финансирала државата, на пример со парите од заемот земен од Унгарија. За раководството на компанијата камата од 4,45 отсто годишно, отплата за 10 години со две години грејс период е подобро од унгарските услови кои предвидуваат камата од 3,25 отсто годишно, отплата до 15 години и грејс период до три години. Грубата пресметка покажува дека ако владата пренаменела дел од унгарските пари за ЕСМ, на име камата ќе се заштеделе девет милиони евра.

„Условите под кои е земен и се пласирани средствата од таканаречениот унгарски кредит сосема се да друга намена и апсолутно тие не биле иницијално предвидени за поддршка на ЕСМ. Затоа ве молам во оние констатации и калкулации колку тоа ние дополнително камата ќе треба да платиме, да ни дозволите да дадеме наше мислење дека таа е некоректна споредба, бидејќи не се споредуваат сите аспекти од двата кредити кои што имаат сосема различна намена“, изјави Лазо Узунчев, генерален директор на ЕСМ.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека за да може ЕСМ да го враќа комерцијалниот кредит ќе мора сериозно да го консолидира своето работење и да најде начин да излезе од големата криза.

„Треба да се работи на зголемување на домашното производство на електрична енергија, намалување на своите трошоци и продолжување на трендот на зголемено учество на слободниот пазар на електрична енергија. ЕСМ веќе има еден тренд каде што се повеќе и повеќе го зголемува своето пазарно учество особено на пазарот на мало. Така дека на пазарот на мало ЕСМ има реална шанса да обезбедува цени кои што се далеко повисоки од неговата производна цена“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Инаку, и министерката за енергетика Сања Божиновска вели дека унгарскиот кредит е за друга намена и дека не можело да се земе од 250 те милиони евра наменети за општините или од 250 те милиони за приватните компании.

На овие половина милијарда евра, државата ќе плаќа годишна камата од 3,25 отсто, а за комерцијалниот кредит на ЕСМ издадена е државна гаранција, што значи дека ако енергетската компанија која е во тешка финансиска криза не може да го сервисира кредитот, Владата преку буџетот, односно ние граѓаните, ќе враќаме 82 милиони евра со годишна камата од 4,45 отсто или дополнителни 36,5 милиони евра.