Кредитите од унгарските пари може и на 15-20 години, за банките само во еден случај може инвестициски кредит над 10 години

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Банките немаат законско ограничување на колку години би била рочноста на кредитите кои ќе финансираат од унгарските 250 милиони евра наменети за стопанството, велат од Народната банка. Ова значи дека може да бидат и на 10, 15, но и на 20 години. Сепак, додаваат дека секоја комерцијална банка има свои процедури и правила како да се финансираат компаниите.

Ова оди во корист на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека е постигнат договор со Македонската банкарска асоцијација (МБА) парите од унгарскиот кредит наменет за фирмите можат да бидат со грејс период до три години и со рочност до 15 години.

Сепак, според брифинзите на ТВ21 со банкарскиот сектор, единствена поголема рочност од 10 години ќе може да се даде за проекти каде што би се инвестирало во објекти – производни хали, додека ако се инвестира во машини, тогаш кредитите би биле од 7 до 10 години.

Што се однесува околу преговорите околу каматите, во моментов единствено што се знае е дека владата, како и во сите случаи кога се пласирале пари преку Развојната банка, ќе ја врати каматата од 3,25% кон Унгарија.

Но, засега не се знае колку компаниите би им плаќале на банките камата и провизии на земените кредити и дали и оваа камата би ја субвенционирала државата. Досегашната пракса е оваа камата да си ја плаќаат.

Дали ќе остане така, не се знае, бидејќи иако беа испратени повеќе прашања до Министерството за финансии, меѓу кои за субвенционирање на каматите што ќе ги плаќаат компаниите, за нејзината висина како и дали и странските фирми во слободните економски зони можат да земат од овие кредити, одговор не добивме, иако беше ветен пред 24 часа.

Според информациите, досегашните камати и провизии кои ги плаќале фирмите на комерцијалните банки за кредити кои биле од државната Развојна банка, изнесувале околу 2%. Токму ова останува отворено прашање меѓу владата и комерцијалните банки и ќе се договара во текот на оваа недела.