Кристијано Роналдо не се откажува, ќе ја надмине бројката 200 натпревари за Португалија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кристијано Роналдо не планира да дозволи мундијалското фијаско да биде и негово збогување со националниот тим, откако големиот ас најавил дека ќе ја продолжи репрезентативната кариера и во следната 2023 година.

Тој веќе има 37 години, но Кристијано очигледно не планира наскоро да се пензионира. Тој на своите најблиски им соопштил дека приоритет во моментов му е наоѓање на нов клуб, но и дека воопшто не размилува за повлекување од националниот тим.

„Погледите на Роналдо во следната година се насочени кон репрезентацијата, негова желба е да продолжи да игра до ЕП 2024. Кој ќе биде селектор нема никаков влијание врз одлуката на Кристијано, кој би останал со репрезентацијата дури и доколку Сантош продолжи на селекторската функција“, истакнаа блиску пријатели на Роналдо.

Тешко е за верување дека Сантош ќе го преживее шокантниот пораз од Мароко, а останува да се види кого Португалците ќе изберат за нов селектор. Како една од опциите се споменува и Жозе Мурињо, кој би добил специјална дозвола од Рома паралелно да ги води и „римската волчица“ и португалскиот национален тим.

Роналдо досега има одиграно 196 натпревари за Португалија, и ако продолжи, тоа би значело дека ќе ја надмине 200-ката, што ќе стане првиот играч кому му успеало тоа. Тој го израмни рекордот по настапи за националниот тим со Бадер Ал-Мутава кој одигра исто 196 меча за Кувајт, и беше рекордер се до 10 декември кога Роналдо го стигна неговиот рекорд.