Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во Клик Плус ги објасни постапките за уставните измени за вклучувањето на Бугарите и другите етнички заедници во Уставот. Според него, постапката трае околу 4 и пол месеци. А ваквата пресметка ја основа и на претходното искуство со уставните измени за промена на името на државата.
„Од временски аспект, имаме време, во текот на оваа време ќе се договориме, станува збор за тема кој се дискутира и ќе се дискутира в среда меѓу лидерите и нормално постојано ќе продолжи да се дебатира“, вели Талат Џафери.
Џафери истакна дека е оптимист дека во предвидениот рок ќе се испорачаат уставните измени.
-Дали имате сигнали кои можете да ги споделите со јавноста, кои не ги знаеме?
Т.Џ.: Сигнали… се зборува дека до критичниот момент може да се заврши и таа работа.
-Критичен момент го нарекувате почетокот на октомври, како што е предвидено со договорот?
Т.Џ.: Критичен момент е пред затворањето на процесот на скринингот, значи крајот на ноември.
Пораките од меѓународната заедница за уставните измени се јасни, рече Џафери, велејќи дека тие не се ниту закани ниту условување туку јасни позиции на европските институции во кои ние целиме да бидеме дел.
„Сарацин и во друга прилика кога ние како парламентарна делегација сме биле во Бундестаг на средба која ја имавме, каде присуствуваа пратеници од власта и опозицијата, точно и јасно рече дека некој да не сонува дека оваа состојба може повторно да се преговара во следниот период“, порача Талат Џафери.
Џафери рече дека сега е моментот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да го промени ставот за уставните измени и дека парламентарното мнозинство и владата имаат обврска да направи напори со сите субјекти, со сите фактори кои имаат можност да влијаат за промена на ставот.
