Кривична против Богојески, Здружението на Бошњаци го пријави во полиција поради говор на омраза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Здружението на Бошњаци со кривична пријава за претседателот на партијата Македонски Концепт, Петар Богојески. Пријавата денеска во МВР ја достави Мерсиха Смаиловиќ. Откако излезе од министерството, рече дека и по пријавата во Хелсиншкиот комитет, Богојески продолжил со неговите статуси преку кои шири говор на омраза.

Со реакција веднаш се јави и Богојески. Тој на неговиот фејсбук профил напиша дека станува збор за кампања против неговата партија поради политичките ставови. Додава дека нема ништо против Бошњаците, туку има против џихадисти.


„После неуспешен обид да се вмешаат Албанците и Ромите во таа акција, фокусот е сега ставен на Бошњаците муслимани. Се форсира тезата дека некој сака да ги загрози нивните граѓански права и се создава лажно чувство на нетрпеливост, со цел да бидат злоупотребени поединци во активности на таа криминално – џихадистичка ќелија од Скопје!“, напиша Богојески на ФБ.


Активистката Смаиловиќ, вели дека добила поддршка од бројни организации, додавајќи дека бошњачката и ромската заедница се обединети во еден вид коалиција, како две најпогодени заедници од говорот на омраза на Богојески.