Македонија мора да биде држава во која законите и Уставот важат подеднакво за сите, изјави Ели Панова пратеник на ВМРО-ДПМНЕ пред зградата на Јавното обвинителство. Таа образложи дека кривичната пријава ја поднесуваат против претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците Бисера Костадиновска и Мирослав Богдановски од владејачкото мнозинство кои се позитивни на Ковид 19, откако во неделата присуствуваа на седницата со скафандери.
„Кривичната пријава е против претседателот на Собранието кој што овозможи да присуствуваат двајца пратеници кои што беа позитивни на Ковид. Има основано сомневање дека се прекршени членовите од Кривичниот законик. Се надеваме дека Јавното обвинителство ќе се издигне над притисоците од страна на власта и ќе постапи итно“, истакна Ели Панова, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Кривична поднесоа и двајцата пратеници на Левица.
„Она што го кажува спикерот Џафери дека има посебен протокол за тоа, тоа не важи, затоа што протоколот се однесува на суспектни, а не на позитивни случаи на корона вирусот и оттука очекуваме Обвинителството со истата непристрасност и итност како што постапува во случаи кога граѓани ќе прекршат карантин кој им е одреден со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат исто да постапат и во случајов“, посочи Димитар Апасиев, пратеник од Левица.
Од владејачката партија велат дека однесувањето на опозицијата со постојани блокади особено кога има пратеници во изолација, оневозможи функционално Собрание.
„Ги блокираа измените на Деловникот кои што се однесуваа на овозможување на пратеници кои што се во изолација да можат да учествуваат во работата на Собранието, како што сите парламентот во светот тоа го имаат направено. Кога нешто е во интерес на граѓаните и согласно строго утврден протокол кој што е одобрен од страна на Комисијата за заразни болести можат и сто кривични пријави да поднесат“, изјави Снежана Калевска Ванчева пратеник од СДСМ.
На седницата во неделата кога беше ставен на гласање петтиот пакет економски мерки, за гласање беа повикани двајцата пратеници од владејачкото мнозинство кои се заболени со Ковид 19. Пратениците беа облечени во скафандери и донесени во Собранието според протоколи, но за опозицијата тоа беше крајно неприфатливо и уште тогаш најавија кривични пријави.
