Вака изгледа Куманово во пресрет на новогодишните празници. На речиси сите улици сообраќајот е отежнат, а освен празничната еуфорија, причина за ваквиот метеж е и пристигнувањето на печалбарите. Како резултат на тоа полицијата ги засили контролите, а најчесто се изрекуваат казни за непрописно паркирање, неносење безбедносен појас, немање комплетна документација и надминување на брзината.
За нормализирање на сообраќајот, Емилија Сларидис-Јаневска од Секторот за урбанизам, рече дека изготвуваат Планот за одржлива урбана мобилност со кој ќе се регулира метежот.
Јаневска објасни дека Планот за одржлива урбана мобилност ги промовира и следи европските модерни трендови, промовирајќи го пешачењето, возењето велосипед и јавниот превоз.
Инаку, Куманово се соочува и со недостиг на паркинг места. Засега има само една катна гаража, а предвидено е да бидат изградени уште две други. Според планот на општинските власти, повеќе места за паркирање ќе има и по булеварите.
Полициски контроли се вршат и за продавање и употреба пиротехнички средства, дело кое е казниво со закон.
