КЗБ бара прогласување епидемија на голема кашлица за Скопје – децата кои не се вакцинирани нема да се примаат во градинки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

До министерот за здравство е упатена препорака за прогласување епидемија на голема кашлица на територија на град Скопје. Ова е одлуката на Комисијата за заразни болести откако бројот на заболените лица од оваа заразна болест и натаму расте. Претседателот на Комисијата Александар Петличковски рече дека потврдени се 18 случаи на голема кашлица. 

„Денес последните бројки се 18 заразени потврдени случаи со голема кашлица и имајќи предвид дека во изминатите денови овој број расте особено на територија на град Скопје каде што се потврдени 14 случаи се одлучивме да предложиме, да препорачаме  прогласување на епидемија за град Скопје. Ова звучи малку страшно со епидемија, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот кој доаѓа со болеста голема кашлица“, вели Александар Петличковски.

Прогласување епидемија, според  доктор Злате Мехмедовиќ ќе помогне за ублажување на последиците, за кои како што рече тој, не се знае до каде ќе оди.

„Во моментов сите случаи кои што се во Македонија вкупно 18 на број, засебни случаи, што во основа за нас е оправдание и во овој период да прогласиме епидемија на територија на град Скопје за да не дозволиме да имаме кластери да имаме во едно семејство. Прогласувањето на епидемија ќе ни даде можности многу полесно да ја ублажиме епидемијата која што очигледно, еве гледаме веќе дека дневно имаме 2 нови случаи пријавено, се засилува, до каде ќе оди не знаеме“, порача Злате Мехмедовиќ.

Главна причина за ова Петличковски ја гледа во непримањето вакцини, па затоа најави дека ќе бидат повикувани сите оние кои не ја примиле редовната вакцина да ја примат во вакцинални пунктови, во спротивно нема да бидат примани децата во градинки. Ваквата мерка нема да се однесува на училиштата, туку за тие деца се упатува апел за да се вакцинираат.

„Ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација. Исто така препорачуваме забрана за прием на деца невакцинирани за пертусис во градинки и очекуваме овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација, бидејќи фокусот е на заштита на најмалите бидејќи оваа болест практично е најтешка болест за најмалите“, вели Александар Петличковски.

Од Комисијата за заразни болести велат дека тестови има доста на располагање а матичните лекари и специјалистите ќе добијат упатства во врска со тестирање на сомнителни случаи. Воедно од препорачуваат оние кои се заразени да не излегуваат и да не се мешаат со здрави лица, за да не дојде до поголемо ширење на болеста.