Лажна надеж за „Монструм“, адвокатот верува дека има „бомби“ кои не се објавуваат

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Надежите за целосно расчистување на случајот „Монструм“ беа големи пред на власт да дојде премиерот Зоран Заев. Таканаречените„ Бомби“ кои тој ги имаше за овој предмет, велеше дека ќе допринесат многу, за расчистување на петкратното убиство кај Смилковско езеро.

„Тоа што ќе го обелоденам се телефонски разговори и смс пораки, нема јас да го толкувам тоа, јавноста ќе го протолкува сама како и досегашниот процес. Таа вистина ќе даде одговори на многу прашања. Може овој процес нема да ги даде сите одговори, но ќе даде огромен процент одговори и ќе расчисти многу облаци кои сеуште надвиснуваат над овој процес.“, рече тогаш Заев.

Ветувањата дека прислушуваните материјали ќе откријат нешто повеќе, продолжија и по ова интервју

Неколку дена потоа, германски „Ди Цајт“ пренесе дека Заев во интервју изјавил дека невини луѓе се во затвор. Но, еден ден подоцна, Заев тврдеше дека изјавата му е лошо интерпретирана. Најавуваше дека ќе се открие болна вистина.

Меѓутоа бомбите на екс лидерот на опозицијата, сега Премиер, никогаш не открија ништо за овој случај. Истите, и покрај големите надежи, никогаш не го променија текот на судскиот процес. И згора на се, тоа што никој не го знае, е кој е мотивот за убиството на 5 момчиња.

„Јас верувам, навистина верувам дека има бомби. Верувам и дека тајните служби знаеле и знаат кои се убијците и виновниците, мислам дека ќе дојде ден и ќе се знае кои се тие што се инволвирани во овој случај. Мислам дека тие бомби некој ги има но сигурно е и дека има и друг мотив зошто не се даваат, некој интерес кој ние како одбрана не можеме да ги знаеме.“, вели Рауфи.

За „Монструм“ беше прашан и првиот вицепремиер Артан Груби. На почетокот тој кажа дека владата не се меша во работата на судството, но потоа додаде дека единствено вмешување било барањето за повторното судење на случајот.

„Ние во овој процес никогаш не сме интервенирале освен за барањето за повторување на судењето во целост и тоа го постигнавме. Сега е на судските власти, судот и обвинителството, како и на одбраната, да го истуркаат овој процес до крај.“, вели Груби.

На завчерашното рочиште за завршните зборови, обвинителката Фатиме Фетаи рече дека двајцата кои се во бегство, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ го извршиле убиството. Хаки Азири е обвинет дека им помогнал, но без да знае дека тие извршиле убиство. А, што се однесува до Фејзи Азири, обвинителката него го обвинува дека им помогнал на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ да избегаат. За обвинетиот Сами Љута, обвинителката Фетаи рече дека обвинението е повлечено поради недостиг на докази.