Инцидентот на аеродромот во Лајпциг, кој Германија ѝ го припиша на Русија, предизвика остар одговор од Европската Унија и НАТО. Еден ден по обвинувањата на Берлин кон Москва, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се сретнаа во Брисел за да разговараат за хибридните закани и поддршката за Украина.
Фон дер Лајен го оцени инцидентот како сериозна ескалација, обвинувајќи ја Русија за обид кој, според неа, можел да предизвика голема материјална штета и човечки жртви. Таа предупреди дека Европа нема да отстапи пред притисокот од Москва.
„Ова беше напад со употреба на материјали од воен карактер, извршен од руски оперативци на територијата на ЕУ. И ние нема да го толерираме тоа. Ако целта беше да нè натераат двапати да размислиме дали да ја поддржиме Украина, можам да ви кажам дека тоа само ја зајакна мојата решителност. Заплашувањето нема да успее“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Брисел во меѓувреме најавува нови мерки против Русија, додека министрите за надворешни работи на земјите членки разговараат за дополнителни санкции. Во фокусот е и зајакнувањето на заштитата на критичната европска инфраструктура, по серијата инциденти кои властите ги сметаат за дел од хибридната војна.
Во иста насока е и НАТО. Марк Руте изрази целосна солидарност со Германија и истакна дека обидите на Русија да ги заплаши сојузниците или да ја ослаби поддршката за Украина нема да успеат.
„Видовме повеќе дронови и ракети кои навлегуваат во нашиот воздушен простор долж источното крило, создавајќи сè поголем ризик. Исто така, видовме зголемување на злонамерните активности кои директно ја таргетираат нашата територија. Без разлика дали станува збор за подметнување пожари во фабрики со цел намалување на производството на одбранбена опрема за Украина или за рускиот хибриден напад во Лајпциг, ние стоиме во целосна солидарност со Германија, со целата Алијанса и со Европската Унија.
Ризиците што ги претставува Русија се јасни и работиме непрекинато за да бидеме подготвени и да ја обезбедиме безбедноста на нашите граѓани. Ако Русија мисли дека ќе нè раздели преку закани или дека ќе нè обесхрабри во поддршката за Украина, се лаже. Нашето единство е непоколебливо“, нагласи Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Соочени со ескалацијата на тензиите, заедничката порака од Брисел е дека Европа и НАТО ќе дејствуваат координирано. Покрај притисокот врз Русија, Европската Унија разговара и за зголемување на поддршката за Украина, вклучително и зајакнување на воздушната одбрана.
Средбата се одржува во момент кога инцидентот во Лајпциг се оценува како уште еден тест за европската безбедност и за способноста на земјите членки да одговорат на хибридните закани. ЕУ и НАТО повторуваат дека поддршката за Украина нема да биде ослабена.
