Ваквите објави на социјалните мрежи и пораките во затворените групи на апликациите за комуникација беа причина полицијата да преземе мерки.
Пишувањата за контаминираната вода од скопскиот водовод предизвика паника во главниот град и поради тоа Министерството за внатрешни работи ги третира како дезинформации.
„Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки и активности, профилите на лицата се утврдуваат и тие се повикуваат на информативен разговор. По завршувањето на истражните дејствија, јавноста ќе ја информираме согласно околностите.“, велат од МОН.
МВР треба што побрзо да ги открие нарачателите, креаторите и промоторите на оваа лага која посеа недоверба и страв кај граѓаните на Скопје, рече и професорот од Медицинскиот факултет, Андон Чибишев. Токсикологот оценува дека доколку вакво нешто било вистина, тоа би значело голем проблем за државата и можен колапс на системот на здравствена заштита.
„Не знам дали тие болни умови знаат што значи таква контаминација. Иако бактеријата Escherichia coli не предизвикува симптоми и заболувања кај сите и во сите случаи, доволно е само 10% од жителите на Скопје да развијат слика на воспаление на цревата, што значи дека во рок од еден или два дена ќе има над 50.000 пациенти.“, вели Андон Чибишев.
Откако вчера наутро се проширија пораки на социјалните мрежи дека водата во Скопје е со бактеријата Escherichia coli, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, излезе на итна прес-конференција, каде што ги демантираше информациите, а пред камерите дури и се напи вода од чешма.
И ЈП „Водовод и канализација“ и Агенцијата за храна и ветеринарство официјално соопштија дека водата во главниот град е за пиење.
