Лажни дојави за бомби во Тетово и во Скопје, наставата не се одржа во ниту едно училиште во Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И денеска, ходниците на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ останаа празни. Учениците не влегоа во училниците и наставата не се одржа, иако беше понеделник.

Причина е лице со лажна електронска адреса, кое продолжува да испраќа лажни дојави за бомби. Надлежните сѐ уште не успеале да откријат кој стои зад овие пораки и која е неговата цел.

Директорот на училиштето, Јетон Камбери, вели дека освен вознемиреноста кај учениците, овие дојави одземаат и многу наставни денови.

„Кај нас е рекорд – ова е 12-ти пат. Влијанието беше застрашувачко и за учениците и за колегите поради паниката, но сега во училиштето ова веќе стана рутина и учениците се навикнати. Првично го сметавме за негативен аспект бидејќи кај младите имаше и желба да се излезе од настава, а сега кога почна и кај нив монотонија, и тие бараат да не се излегува, но тоа не може да се случи, бидејќи доаѓа полицијата и нѐ информира дека учениците мора да се евакуираат.“, вели Камбери.

Лажната дојава за бомба е пријавена во 10 училишта во Тетово – четири средни и шест основни – поради што наставата не се одржа во ниту едно училиште во градот. Во меѓувреме, Секторот за образование во Тетово бара одговорност од надлежните органи за испраќањето на овие дојави и за безбедноста на учениците.

„Училиштата испратија официјален допис до СВР со цел добивање официјална информација за состојбата и насоки за понатамошно постапување. Надлежните институции преземаат континуирани мерки за гарантирање на безбедноста на учениците и персоналот, а состојбата се следи во целосна координација со органите на редот.“, велат од секторот за образование Тетово.

Дојави за бомби имаше и во неколку училишта во Скопје.