По осми пат во последните неколку месеци, тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ добила порака за лажна бомба. Постојаните дојави доведоа до тоа учениците да протестираат пред Полициската станица во Тетово. Тие велат дека ситуацијата станала неподнослива, бидејќи ја губат наставата и се изморени од честите евакуации.
„Како резултат на нашето незадоволство од појавата на честите дојави за бомби, кои досега осум пати се случиле во нашето училиште и претставуваат сериозен индикатор за нарушување на текот на наставата, односно за нејзино одржување, најголемата штета им се нанесува на учениците. Ова за нас е неприфатливо и бараме од надлежните органи да преземат итни и сериозни мерки за долгорочно нормално одвивање на наставниот процес и за спречување на повторување на овие појави.“
„Денес дојдовме да протестираме против полицијата во врска со дојавите за бомби. Секојдневно нè изморуваат со постојани влегувања и излегувања и наставата не може да се одвива.“
„Дојававите за бомби во тетовската гимназија навистина нè изморија. Ова е седми или осми пат и ситуацијата ескалираше. Уморни сме од тоа што се случува во оваа гимназија.“
Во меѓувреме, директорот на гимназијата го смета за неприфатливо тоа што полицијата никогаш не презема одговорност. Според него, дури и по извршените проверки, надлежните институции само усно им кажуваат дека одговорноста е на училиштето доколку наставниот процес продолжи. Тој бара да се преземат конкретни мерки за наставата да не се прекинува.
„Ситуацијата е неподнослива. Она што се случи денес е нетолерантно. Немаме никаков одговор од Министерството за внатрешни работи, а од СВР Тетово нема преземање конкретна одговорност. Иако тие доаѓаат и ги извршуваат своите процедури, антитерористичките екипи кои треба да донесат конкретни одлуки не се појавуваат, а одговорноста останува кај нас. Тие го извршуваат само протоколарниот аспект, кој не се совпаѓа со професионалниот аспект. Единствениот одговор што го добивам како директор е дека одговорноста е на училиштето доколку учениците продолжат со настава. Нема можност јас да ја преземам одговорноста за 1.400 ученици, кога самиот надлежен орган не ја презема.“, вели Јетон Камбери.
Тетовската гимназија не е единственото училиште во градот што се соочило со лажни дојави за бомби, но годинава токму тука биле најчести. Од раководството, протест и бојкот на наставата беа најавени уште пред неколку недели, со образложение дека постојаните лажни дојави за бомби и недостигот на одговорност од страна на Министерството за внатрешни работи довеле до тоа наставниот процес да се прекинува речиси секоја недела.
