Лажни фактури при увоз на пелети – што презеле царината и УЈП по алармирањето на Бектеши?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Помина една недела откако министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека потврдиле манипулации со лажни фактури при увоз на пелети во земјава. Тој ги повика да постапат Управата за Царина и за јавни приходи, но ниту една од двете институции не кажува ништо конкретно.

„Царинската управа постапувајќи според своите овластувања во последните 3 месеци до странските царински управи на контрола испратила фактури за увоз на пелети. Постапката за нивна контрола се уште е во тек, а според предвидената административна соработка ќе трае неколку месеци“, велат од Царина.

-Доколку Министерството за економија има сознанија за даночни обврзници кои имаат неправилности од аспект на даночното работење, УЈП ќе насочи контрола кај истите. До денес, не се доставени барања за постапување до УЈП ниту од страна Министерството за економија, ниту и од Царинската управа. Во однос на делот на изјавата за лажните фактури, укажуваме дека откривањето и докажувањето на кривичните дела бара примена на истражни мерки, за кои надлежност има Управата за финансиска полиција“, велат од УЈП.

Од Финансиската полиција ни рекоа дека ќе одговорат утре. Дополнително, Бектеши пред 6 дена изјави и дека цената на пелетите не ја одредува Министерството за економија, туку се одредува по предлог на ЈП „Национални шуми“ и од формалните цени од Царинската управа. За ова заменик директорот на „Национални шуми“ вели дека немаат надлежност да одлучуваат за цените на пелетите.

-ЈП Национални шуми нема надлежност за пелетите, едноставно тоа не е производ, можете да проверите или ви ги испраќаме услугите на вашиот официјален емаил, не е производ на „Национални шуми“ односно во ценовникот што го имаме во асортиманот на дрво и производите што ги имаме како претпријатие не фигурираат како производ пелетите и немаме надлежност за ова-рече Дехари, заменик директор на ЈП „Национални шуми“.

Инаку, на 98. седница на Владата, на предлог на Министерството за економија, беше одобрена одлуката за утврдување на цените на пелетите.