Средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, премиерот Христијан Мицкоски ја оцени како исклучително пријателска, корисна и содржајна, но рече дека не е задоволен од нејзините пораки во врска со уставните измени.
„Не можам да кажам дека сум задоволен од пораките коишто ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа којашто е прифатена од претходната влада“, изјави Мицкоски.
Сепак, според премиерот, пораките на Фон дер Лајен создаваат чувство на охрабрување и мотивираност за продолжување на реформите, особено преку можноста за постепена интеграција во Европската Унија.
Мицкоски најави дека во ноември ќе оствари две посети на Брисел, каде што ќе има средби со претставници на ЕУ и ќе учествува на регионален самит со земјите од Западен Балкан.
„Ќе се бориме. Нема предавање, ќе се бориме. Не е лесно; премногу испропродадоа овие претходно, премногу испоуништија, премногу испокрадоа, но не се откажуваме. Украденото ќе го вратиме, тоа што е распродадено ќе се бориме да го вратиме“, рече Мицкоски.
Во врска со најавената билатерална средба со бугарската страна, Мицкоски рече дека не очекува Бугарија да ја одбие иницијативата.
„Не очекувам, не би било паметно да да одбијат. Но, во ред, тоа е нивна суверена одлука, не е тоа наша одлука““, додаде премиерот.
Тој откри и дека од Фон дер Лајен добил конструктивен совет – министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски да побара средба на маргините на состанокот посветен на Коридорот 8.
Барањето веќе е испратено од Муцунски, а понатамошните чекори зависат од одлуката на Бугарија.
Инаку, Фон дер Лајен вчера најави обновување на напорите за деблокирање на европската интеграција. ЕУ подготвува и план за дејствување за четирите земји кои се најблиску до членство, но во него не е вклучена Македонија.
