Лебот, шеќерот и солта не се поскапени – според ССМ нема големо поскапување на храната во март

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кај најевтините прехранбени производи кои што може да се најдат во шест ланци на маркети низ државава, а ги користи Сојузот на синдикати на Македонија за формирањето на потрошувачката кошничка, во март во однос на февруари скоро и да нема зголемување на цените на прехранбените производи. Ова можеше да се види од податоците што ги достави ССМ до ТВ21.

Ако се гледа поединечно, леб, шеќер и сол не се поскапени. Има мали поскапувања кај дел од млечните производи, пред се кај кравјото сирење за 10 денари и кај кравјиот и мешан кашкавал за 14 и 25 денари. Кај месото нема покспаувања, а кај овошјето и зеленчукот кај некои производи има зголемување, а кај некои намалување. 

Интересно е што синдикалците успеале да најдат маслото за јадење за 96 денари литар, што е за три денари поевтино од февруари и за 10 – тина денари пониско од вообичаената за која може да се најде.

Од ССМ појаснуваат дека тие ги бараат најевтините од најевтините цени кои може да се најдат во шестте ланци на маркети во државава па затоа успеале да најдат вака евтино масло за јадење.

Инаку, економистот Виктор Митевски од Здружението ЗМАИ, вели дека светската криза со енергенсите се уште не се прелеала кај нас и дека е очекувано ако продолжи да ескалира, ќе има одложен удар. Тој за прашањето кое се почесто се поставува во јавноста дали владата треба да почне да размислува за преземање на конкретни мерки за контролирање на цените во малопродажба, вели дека тоа е прашање кое што во моментов не треба да биде толку гласно зборувано, затоа што дел од економските текови се водени од очекувањата.

„Тоа што владата во моментов треба да го прави е будно да ја следи состојбата, постојано да врши мониторинг на пазарите и што е уште поважно, во доследност да го спроведува Законот за нефер трговски практики. Ако има контрола на овие делови, тогаш за очекување е дека во моментот кога ќе се случи и доколку се случи такво пролонгирање на оваа криза, да може соодветно да реагира. А кога ќе реагира, мерките не треба да бидат едни и сеопфатни, затоа што искуството ни покажа дека справување со такви мерки не даваат голем резултат, можеби го зачувуваат стандардот на граѓаните, но тоа што е погодено е фискалниот простор, односно фискалната позиција на државата.“, вели Виктор Митевски.

Митевски вели дека и да има мерки кои што ќе ги контролираат малопродажните цени, тие треба да бидат соодветно таргетирани кон најпогодените граѓани, но и компании.

Инаку, ТВ21 го контактираше и Државниот пазарен инспекторат за да провери дали има поскапувања во март во однос на февруари. И од таму ги потврдија информациите на ССМ дека не се забележани поголеми отстапувања во цените, освен кај маслото за јадење и кај јајцата. Маслото е поскапено бидејќи е берзански производ, а јајцата поради големото поскапување на цените на сојата и на пченката.